Производи
FLaytout Menu
Жена што нанесува крем за сончање

Зад науката

Заштита од УВ-зрачење: Зошто е важно да се заштитите од сонцето во текот на целата година

​​Herbalife 27 септември 2026

Многу луѓе ја асоцираат заштитата од сонце со топлите летни денови и одморите во странство. Меѓутоа, ултравиолетовото (УВ) зрачење е присутно во текот на целата година, дури и во зима и во облачни денови. Заштитата на кожата од УВ-зрачење е важна здравствена мерка што треба да се применува во текот на целата година и со која може да се спречат изгореници од сонце, предвремено стареење на кожата и рак на кожата (AAD, 2021; WHO, 2024, 2025).

Не сме изложени на УВ-зраци само во лето

УВ-зрачењето може да продре низ облаци и магла, што значи дека може да дојде до оштетување на кожата дури и кога сонцето не се гледа. Според Националната здравствена служба (NHS), можно е да добиете изгореници од сонце во Обединетото Кралство и во облачни денови бидејќи УВ-зраците поминуваат низ облаците (NHS, 2026). Исто така, Светската здравствена организација (WHO) вели дека до 80 % од ултравиолетовите зраци од сонцето може да продрат низ облаци и магла (WHO, 2025), што придонесува за оштетување на кожата и во текот на зимските месеци (Skin Cancer Foundation, 2026).

Иако УВ-Б зрачењето, главната причина за изгореници од сонце, е најсилно во текот на летото, тоа може да ја оштети кожата во текот на целата година. УВ-А зрачењето, што придонесува за потемнување на кожата, појава на брчки и други знаци на предвремено стареење на кожата, е релативно константно во текот на целата година и може дури и да продре низ стакло (Skin Cancer Foundation, 2026).

Изложеноста на сонце во зима не треба да се занемари

Како што паѓаат температурите, многу луѓе стануваат помалку претпазливи кога станува збор за заштитата од сонце. Меѓутоа, изложеноста на УВ-зраци може значително да се зголеми во зима. Ведрото зимско небо му овозможува на УВ-зрачењето да стигне до површината на Земјата, а рефлективните површини како снегот може да ја интензивираат изложеноста (AAD, 2021).

Снегот особено добро ја рефлектира светлината и може да одбие дури 80–90 % од УВ-зрачењето што паѓа врз него, при што кожата е изложена на УВ-зраци и одозгора и одоздола (Skin Cancer Foundation, 2026; WHO, 2024). Поради тоа, љубителите на зимски спортови се особено изложени на ризик.

Изложеноста на УВ-зраци може да се интензивира и од други рефлективни површини, како на пример, вода, песочни плажи и светли згради. Според WHO, белите фасади може да рефлектираат околу 20 % од УВ-зрачењето, а снегот може да рефлектира до 90 % (WHO, 2024).

Здравствени ризици од УВ-зрачењето

Прекумерната изложеност на УВ-зрачење е главната надворешна причина за оштетување на кожата и се асоцира со штетни ефекти врз кожата и очите (WHO, 2024, 2025). Изгорениците од сонце се една од директните последици, но постојаната изложеност на УВ-зраци може да има долгорочни последици.

Стапките на појава на рак на кожата значително се зголемија во последните децении, а овој тренд е тесно поврзан со изложеноста на УВ-зраци при работа и рекреација. Што е уште поважно, според процените на WHO, четири од пет случаи на рак на кожата може да се спречат преку соодветни мерки за заштита од сонце (WHO, 2024, 2025).

Потемнувањето на кожата често се доживува како показател за добро здравје или привлечност, но оваа перцепција е погрешна. Потемнетата кожа всушност е видлив знак за оштетување на кожата и обид на кожата да се заштити од понатамошна изложеност на УВ-зраци. Не постои безбеден или здрав начин на потемнување на кожата, а потемнетата кожа нема заштита од штетните ефекти на сонцето (NHS, 2026; WHO, 2025).

Ефективни стратегии за заштита од УВ-зраци

Заштитата на кожата од УВ-зрачење подразбира комбинација од заштитни мерки. Препораките на Американската академија за дерматологија се: да се бара сенка, да се носи облека за заштита од сонце и да се користи крем за сончање на сите изложени делови од кожата во текот на целата година (AAD, 2021).

Треба да се посвети особено внимание во периодите кога има значителна изложеност на сонце, и тоа од пролетта до почетокот на есента, кога нивоата на УВ-зрачење генерално се највисоки. Меѓутоа, заштитата во текот на целата година може да биде неопходна во тропските региони и во други области со висок УВ-индекс (WHO, 2024).

Треба да се преземат и мерки на претпазливост при зимски активности на отворено и при подолга изложеност во близина на површини што се многу рефлективни (Skin Cancer Foundation, 2026; WHO, 2024).

Правилен избор и употреба на крем за сончање

Кремот за сончање е важен дел од заштитата од сонце, но не треба да се смета како средство што ќе ви го продолжи времето што го поминувате на отворено. Иако кремот за сончање може да ја одложи појавата на изгореници од сонце, тој не може целосно да го блокира УВ-зрачењето (EC, 2007).

Експертите препорачуваат употреба на крем за сончање со широк спектар на заштита и од УВ-А и од УВ-Б зрачење, со минимален заштитен фактор 30 (AAD, 2021; WHO, 2024, 2025). Во Обединетото Кралство, кремот за сончање треба да обезбедува и заштита од УВ-А зраци со најмалку 4 ѕвезди (NHS, 2026).

За да се постигне нивото на заштита наведено на етикетата, кремот за сончање треба да се нанесе обилно и рамномерно на сите изложени делови од кожата 20-30 минути пред да излезете надвор. На деловите што често се забораваат, како на пример, ушите, носот, челото, вратот, линијата на косата и пределот околу очите, треба да им се посвети особено внимание (CDC, 2026; Skin Cancer Foundation, 2026).

Според истражувањата, многу луѓе нанесуваат премалку крем за сончање и затоа добиваат значително помала заштита од очекуваната. WHO препорачува околу 35 ml крем за сончање - или околу три до четири полни супени лажици - за заштита на целото тело кај возрасни (WHO, 2024). Кремот за сончање треба повторно да се нанесува на секои два часа и по пливање, капење или прекумерно потење (CDC, 2026; WHO, 2024).

Исто така, важно е да се направи разлика меѓу кремовите за сончање и производите за нега на кожата по сончање. Лосионите за нега на кожата по сончање може да ја хидрираат или смират кожата, но не обезбедуваат заштита од УВ-зраците и не ја поправаат настанатата штета на ДНК што ја предизвикале УВ-зраците (WHO, 2024).

Постигнување рамнотежа меѓу заштита од сонце и витамин Д

Витаминот Д природно се произведува во кожата при изложеност на ултравиолетови Б (УВ-Б) зраци од сончевата светлина. Станува збор за многу ефикасен процес, и кај повеќето здрави луѓе се потребни само кратки периоди на изложеност на сонце во текот на пролетта и летото за одржување на потребните нивоа на витамин Д. Редовните активности на отворено, како на пример, секојдневна прошетка или престој на отворено, обично се доволни, и не е потребна продолжена изложеност на сонце. Всушност, производството на витамин Д го достигнува максимумот по релативно кратко време поминато на сонце, а понатамошната изложеност само го зголемува ризикот од оштетување на кожата и рак на кожата. Затоа е важно да уживате во придобивките од сончевата светлина и да избегнувате изгореници од сонце и прекумерна изложеност на УВ-зраци. Ако се воспостави рамнотежа, ќе се обезбеди доволно витамин Д, без притоа да се загрози здравјето на кожата (NHS, 2026; WHO, 2025).

Заклучок

УВ-зрачењето е здравствен ризик на кој сме изложени во текот на целата година, а не само во одредена сезона. Кога престојуваме на отворено во облачен ден, изложеноста на УВ-зраци сепак може да ја оштети кожата. Континуираното практикување на мерките за заштита од сонце — вклучувајќи и барање сенка, носење заштитна облека и употреба на крем со широк спектар на заштита и заштитен фактор 30 или повисок фактор — може значително да го намали ризикот од изгореници од сонце, предвремено стареење на кожата и рак на кожата (AAD, 2021; WHO, 2024, 2025). Придржувањето кон овие навики во текот на целата година е еден од најефикасните начини на овозможување долгорочна заштита на кожата.

Користена литература:

  1. AAD. (2021). Why you need sun protection in the winter. In. Accessed on American Academy of Dermatology Association webpage on 2 July 2026: https://www.aad.org/public/everyday-care/sun-protection/shade-clothing-sunscreen/cold-weather.
  2. CDC. (2026). Sun Safety Facts. In. Accessed from the US Centers for Disease Control and Prevention webpage on 2 July 2026: https://www.cdc.gov/skin-cancer/sun-safety/index.html.
  3. EC. (2007). Sunscreen products: What matters? In. Accessed from European Commission webpage on 2 July 2026: https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/es/memo_07_282.
  4. NHS. (2026). Sunscreen and sun safety. In: Accessed on 2Jul2026 from: https://www.nhs.uk/live-well/seasonal-health/sunscreen-and-sun-safety/.
  5. Skin Cancer Foundation. (2026). The Skin Cancer Foundation Shares Winter Sun Protection Tips. What to know about protecting your skin during colder months. In. Accessed on 2 July 2026 from: https://www.skincancer.org/press/the-skin-cancer-foundation-shares-winter-sun-protection-tips/.
  6. WHO. (2024). Radiation: Protecting against skin cancer. In: Accessed on 2 Jul 2026 from: https://www.who.int/news-room/questions-and-answers/item/radiation-protecting-against-skin-cancer.
  7. WHO. (2025). Fact Sheet; European Code Against Cancer, 5th Edition. 14 ways you can help prevent cancer. In: Accessed on 2 July 2026 from: https://cancer-code-europe.iarc.who.int/wp-content/uploads/2026/03/8-european-code-against-cancer-sun-protection-factsheet.pdf.